Заев: Очекувам да се докаже невиноста и Ременски да се врати во органите на СДСМ
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува да се докаже невиноста на пратеничката на СДСМ Фросина Ременски, која е осомничена во истрагата за случајот „Рекет“ и таа да се врати во органите на владејачката партија.
„Тоа што го кажав кога се отвори овој случај, вчера го повторив, денеска повторно ќе го кажам. Партијата ќе носи одлуки за времено суспендирање од централен и извршен одбор. Тоа е принципиелен став. Јас лично верувам во невиноста и во пресумција на невиност и час поскоро очекувам да се докаже таа невиност а што поскоро Фросина Ременски да се врати во органите и телата на партијата“, изјави Заев на прес-конференција со словенечкиот премиер Марјан Шарец.
Заев и Шарец по нивната средба во Владата порачаа и дека очекуваат земјата да ги отпочне преговорите со ЕУ. Шарец истакна дека Словенија ја поддржува Северна Македонија и оти верува дека ќе се усогласат со Франција до донесувањето на одлуката дека земјата заслужува отпочнување на преговори со ЕУ.
„Една недела е многу време. Може се да се случи. Но, мислам дека ќе надвладее мислењето дека Северна Македонија е зрела за отпочнување преговори“, рече Шарец.
Зав истакна дека очекува земјата како еден од поголемите позитивни примери на Балканот и светот да не биде казнета, туку наградена. Тој порача дека пораката која сакаат да ја испратат е дека Северна Македонија не сака веднаш да стане членка на ЕУ, туку да отпочне преговори.