Сера: Дали Шпанија ќе го ратификува протоколот пред Самитот? Не знам, можно е
Дали Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство на Македонија во НАТО пред Самитот во Лондон, жал ми е, но не можам ниту да потврдам, ниту да одречам. Можно е, вели шпанскиот амбасадор во Македонија, Емилио Лоренцо Сера.
„Де факто, Северна Македонија е членка на НАТО. Преостануваат само формалности. Но, со оглед на претходните искуства на членките во процесот на ратификација, обично се потребни 18-24 месеци. А до самитот во Лондон ќе бидат изминати само 10 месеци откако го потпишавте Протоколот. Значи сте постигнале крајно добар резултат. Факт е дека ќе ја прославите 70-годишнината од основањето на НАТО во Лондон со сите нас. Како гостин, вашиот претставник, било претседателот, било премиерот, ќе седи покрај генералниот секретар. Ако сте полноправен член, на некој начин, ќе бидете изгубени меѓу останатите 29 членки. А дали Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство пред Лондон, жал ми е, но не можам ниту да потврдам ниту да одречам. Можно е“, вели амбасадорот Сера, во интервју за МИА.
Според него, тоа не е толку поврзано со резултатот од изборите кои се закажанио за 10 ноември, годинава, колку што е, вели, со времето што треба да помине по изборите и начинот на кој се избираат членовите на Парламентот.