САД и Ирак дискутираат за повлекувањето на војниците од Сирија
Американскиот секретар за одбрана, Марк Еспер, пристигна во ненајавена посета на Багдад, во време кога американските трупи се повлекуваат од североисточна Сирија преку Ирак.
По разговорот со Еспер, ирачкиот министер за одбрана Наџа ал-Шамари изјави дека американските сили што се повлекуваат од Сирија преку Ирак ќе ја напуштат неговата земја во рок од четири недели. А од Ирак треба да се упатат кон Кувајт, Катар или САД.
Еспер отпатува за Багдад, еден ден откако ирачката армија соопшти дека американските трупи кои ja напуштаат Сирија немаат дозвола да останат во Ирак.
Соединетите Држави имаат околу 5200 војници во Ирак, дел од меѓународната коалиција предводена од САД против групата Исламска држава.
Претседателот Доналд Трамп одлучи на почетокот од овој месец да повлече 1000 американски војници од Сирија.