Заев не е официјално информиран за инцидентот во МНТ, но го нарече вандалски и бара надомест на штета
Мора да има одговорност од организаторите и надомест на штета, рече премиерот Зоран Заев коментирајќи ги наводите за оштетување на инвентарот на Македонскиот народен театар, што се случило во петокот по прославата на Денот на албанската азбука.
„Секој вандалски чин е за осудување и тука нема дилеми. Секако треба да си понесат одговорност одговорните луѓе за таа работа, да се надоместат штетите, да се поправи целиот тој инвентар, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Меморандум за соработка со швајцарската амбасадорка.
Тој појасни дека многу често за вакви настани се донесува одлука на Влада за да се дадат термините за организација на одредена државна прослава.
„Ова беше државна прослава за 111 години од Денот на албанската азбука, поделена во два дела. Едниот беше културна манифестација, вториот дел испадна дека не била баш културна манифестација, вели Заев. Тој присуствувал на првиот дел од прославата и се огради дека се уште не добил официјална информација за наводниот инцидент.