Дендиас се надева на конструктивни средби во Скопје
Силна поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, изрази грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас во изјава за МИА во пресрет на неговата утрешна прва посета на Скопје.
Тој открива дека Грција работи на преземање конкретни иницијативи, со цел ЕУ да даде зелено светло за Скопје. Шефот на грчката дипломатија ја изразува и силната поддршка на Грција за европската перспектива, не само на Северна Македонија, така и на целиот Западен Балкан.
За утрешната посета на Скопје тој вели дека доаѓа во „земја сосед и набргу сојузник на Грција во НАТО“ и во земја која очекува „да биде и партнер на Грција во Европската унија во не толку далечната иднина“.
„Се надевам на конструктивни средби за време на мојата посета, што ќе донесат резултати во корист на двете соседни држави, резултати видливи и за нашите граѓани.“
Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија порачува дека тој е обврзувачки и за двете земји и додава дека неговото целосно спроведување значи и дополнителен поттик за поголем развој и просперитет на двата народи.
Шефот на грчката дипломатија, заедно со заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија и екстровертност, Костас Франкојанис, утре ќе бидат во еднодневна посета на Скопје.