Дескоска - Собранието може да спречи да се активираат амнестиите на Иванов
Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека постојано се прават обиди за избегнување на правдата и за неказнивост на сериозни кривични дела. Обидите се движат од постојано одложување на судски постапки до иницирање на постапки до Уставниот суд за укинување на членови на кривичниот закон, а сега и на законот за помилување, рече Дескоска.
„Целта на овие манипулативни обиди е постигнување на неказнивост за кривичните дела кои беа предмет на СЈО, а сега ги продолжи редовното обвинителство. Со отворањето на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за иднината на постапките кои се водат за и врз основа на прислушуваните материјали“, изјави Дескоска.
Таа вели дека не сака да прејудицира, ниту да влијае на тоа каква одлука ќе се донесе, туку дека сака да се спречи активирањето на незаконските амнестии дадени од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
Министерката ги повика пратениците уште денеска да иницираат автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.
„Собранието има механизми преку автентично толкување на законот да го потврди тоа што го тврдеше стручната јавност, а тоа е дека членот 11 на кој Иванов ги засновуваше масовните амнестии не постоеше, односно дека одлуката на Уставниот суд од март 2016 година за укинување на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, не го оживеа стариот член 11 од законот“, изјави министерката.
Таа вели дека Собранието треба да го затвори ова прашање и да се види кој е за правда и казни, а кој е за амнестија и помилување.
Уставниот суд на дневен ја стави иницијативата за членот 11, според кој Иванов пред неколку години аболицираше тогашни високи функционери.