Мицкоски: Одлучувањето на Уставниот суд за аболицијата е предизборна стапица
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека е симптоматично што преку ноќ станува актуелна темата со одлучувањето на Уставниот суд на само неколку месеци пред изборите. Тој во реакцијата што беше испратена до медиумите вели дека ова тема е стимулирана од провладините структури.
„Ми изгледа за предизборна стапица каде нужно ќе се навраќаме како јавност на старите теми, се со цел да се заборави она што е вистински актуелно, а тоа се десетиците коруптивни и криминални зделки кои остануваат не само неказнето, туку за кои нема ниту истраги, како кеш, вирус, рекет 1 и 2, набавка на хелкоптери, тепање на вработен во општина од градоначалник, криминалци на слобода“ се вели во реакцијата.
Мицкоски посочува дека кога станува збор за аболицијата како принцип,не верува и не поддржува аболиција како принцип. Тој додава дека целата оваа дебата му личи за подготовка на терен за некоја идна аболиција на Заевци и луѓето од власта кои се плашат од одговорност за аферите сега, како и еден вид закаснета испорака од власта за услуги кај дел од луѓето, добиени за чекорите превземени во изминатите месеци.