Косово делумно ја укина таксата за увоз од Србија и БиХ
![Косово делумно ја укина таксата за увоз од Србија и БиХ](https://gdb.rferl.org/D2072DD9-C74A-40A8-AD68-EDC81E5B3230_w800_h450.jpg)
Косовскиот премиер Албин Курти синоќа објави дека неговата влада одлучи делумно да ја укине таксата од 100 насто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, со цел да се деблокира дијалогот со Белград, јави МИА од Приштина. Одлуката се однесува на увозот на суровини од двете држави и стапува во сила на 15 март, информира Курти, порачувајќи дека очекува соодветна реакција и од Србија.
„Ова е знак на готовност за економски и трговски договор со Србија. Ја повикуваме Србија да даде гаранции дека ќе ја прекине кампањата за повлекување на признавањата на Косово“, изјави Курти.
Тој порача дека, ако Белград позитивно реагира на потезот и барањата од Приштина, на 1 април таксата целосно ќе се укине за период од 90 дена.
Поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај оцени дека со оваа одлука Курти им се предал на Србите.
„Ова е почеток на враќањето на Србија и Русија на Косово“, напиша Харадинај на Фејсбук .
Харадинај, чија влада ја воведе таксата од 100 насто кон крајот на 2018 година, му порача на Курти и дека денеска е одговорен за „повторно освојување на Косово од страна на Србија“.