Заев: Тврдам дека ниеден министер не примил ковид вакцина
Најодговорно тврдам дека ниту еден министер, вклучително и министерот за здравство Венко Филипче, кој е здравствен работник, нема примено вакцина против ковид-19. Сите сме пријавени на апликацијата за вакцина и го чекаме нашиот ред, согласно планот за масовна вакцинација на населението, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашање по пристигнувањето на нови вакцини од Србија.
Прашан „зошто не се објавуваат јавно имињата на лицата кои досега примиле вакцина, Заев рече дека, тука станува збор за заштита на личните права на граѓаните, но дека функционерите можат поединечно да се изјаснат дали примиле ковид вакцина.
„Не смееме да дозволиме заради какви било лажни вести, кои се присутни насекаде, да нарушиме одредени човекови или здравствени права на граѓаните. Ако системот тоа го дозволува, ќе кажам на институциите и тоа ќе го направиме, а, ако не дозволува, тогаш секој функционер може поединечно да се изјасни и каже“, изјави Заев.
На прашањето со која вакцина против ковид-19 ќе се вакцинира, Заев рече дека ќе ја прими таа која ќе дојде на ред кога тој ќе се вакцинира.