Приведен осомничениот напаѓач во Татарстан, Путин нареди засилена контрола на оружјето
Властите во руската република Татарстан соопштија дека по пукањето и експлозијата во училиште во главниот град на регионот, Казан во кое загинаа осум лица, рускиот претседател Владимир Путин наредил засилување на контролата на оружјето.
Прес-службата на претседателот на републиката, Рустам Миниханов, соопшти дека еден наставник и седум ученици биле убиени во нападот во училиштето број 175. Министерството за внатрешни работи на републиката додаде дека 21 лице е повредено во инцидентот, меѓу кои и шест деца кои биле однесени на оддели за интензивна нега.
Наставниците и учениците за РСЕ изјавија дека слушнале силна експлозија во зградата пред да слушнат пукотници. Според нив, дел од наставниците побегнале од зградата и некои ученици скокнале од прозорците на третиот кат за да избегаат од местото на настанот. Областа била оградена од органите на прогонот и учениците и наставниците во еден момент биле видени како се евакуираат низ прозорците.
Во експлозија и пукање во училиште во Татарстан загинале најмалку 9 лица
Министерството за внатрешни работи во регионот соопшти дека нападот го извршило 19-годишно лице, кое е приведено. Медиумите го идентификуваа осомничениот како Илназ Галјавиев.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите во Москва дека Путин му изрекол специјална наредба на шефот на Руската национална гарда, Виктор Золотов „да се изготват нови регулативи за видовите оружја што се наменети за цивилна употреба и кое оружје може да биде во посед на граѓани, вклучувајќи ги и видовите на мало оружје што вооружениот напаѓач ги користел“.
"Факт е дека понекогаш, ловечкото оружје се регистрира како мало оружје, кое во некои земји се користи за напад, и така натаму. Ова исто така ќе биде брзо решено од Националната гарда", рече Песков.
Портпаролката на рускиот истражен комитет, Светлана Петренко изјави дека е покренато е кривично дело за нападот. Владата на Татарстан го објави 12 мај како ден на жалост.