Николовски - СДСМ ги штити сиромашните и ранливите и нема да ги руши дивоградбите
![Николовски - СДСМ ги штити сиромашните и ранливите и нема да ги руши дивоградбите](https://gdb.rferl.org/656A71DC-B5AD-4F44-84B5-5888ECA53FD8_cx0_cy14_cw93_w800_h450.jpg)
Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска изјави дека не смеат да остават 50 илјади семејства без покрив над глава. Тој даде изјава откако претходно претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за легализација на дивоградби, што претходно го изгласа Собранието. Николовски вели дека како Влада мора да носат одлуки и решенија за да решаваат проблеми кои се генерациски и оставени од претходните влади.
„Како што беше прашањето со името и многу други за кои влегуваме во нивно решавање и во овој поглед решенијата се или рушење на дивоградбите или соодветна правна законска рамка“, одговори вицепремиерот.
Тој додава дека СДСМ ги штити сиромашните и ранливите категории и во ниту еден случај нема да ги руши тие објекти.
Пендаровски не го аминуваше легализирањето на дивоградбите
Претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, оти законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот и нема општествена оправданост.
Закон за дивоградби- награда за криминалот, казна за легалистите
Со овој закон може да се легализира секаде, па и во национални паркови, освен на охридското крајбрежје, а не може да се легализираат згради.
За Законот во Собранието гласаа 72 пратеници, вклучително и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, пак, денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека „не се точни информациите дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ сложно го донесоа законот за легализација на дивоградби и дека доколку некој смета дека законот е штетен можеше да поднесе амандмани“.
Коментирајќи за тоа што Пендаровски не стави потпис на Указот, Мицкоски рече дека Претседателот има право да го стори тоа, но дека досега Пендаровски ставил потписи на многу поштетни закони, како за економијата, така за граѓаните и за националните интереси.