Путин се надева на продуктивна средба со Бајден
Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека се надева оти средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Женева ќе биде продуктивна.
„Господине претседател, би сакал да ви се заблагодарам за иницијативата да се сретнеме денес“, рече Путин, седејќи покрај Бајден и придружуван од министрите за надворешни работи на двете земји.
Бајден рече дека двајцата лидери ќе се обидат да утврдат области на соработка и заемен интерес.
„Секогаш е подобро да се сретнуваме лице в лице“, рече Бајден.
Пред средбата меѓу Бајден и Путин малкумина очекуваат напредок
Путин и Бајден се среќаваат за прв пат откако Бајден стана претседател и во момент кога билатералните односи се на најниско ниво во последните неколку години. Агендата - освен конечните соопштенија- е потврдена во телефонски повик меѓу советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан и советникот за надворешна политика на Путин Јуриј Ушаков.
„Самитот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден во Женева веројатно нема да донесе конкретни договори, но состанокот сепак ќе биде корисен“, изјави Ушаков, наведувајќи дека на дневен ред ќе бидат нуклеарната стабилност, климатските промени, сајбер безбедноста и судбината на американските и руските државјани кои се наоѓаат во затвор во едната или другата земја.