Спасовски: Се гради нов „Прифатен центар за странци“
Во тек е изградба на нов објект на Прифатен центар за странци, финансиран со пари од ЕУ во рамките на Националната ИПА програма за 2016 година, чиј главен корисник е МВР, со цел подобрување на моменталните расположливи услови на постоечкиот Прифатен центар за странци. Ова го објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот официјален ФБ профил.
Тој во постот пишува дека според препораките на бројни меѓународни организации задолжени за заштита на човековите права, нотирани во Посебниот извештај за состојбите во Прифатниот центар за странци во Гази Баба доставен во 2019 година, неопходно било да се преземат конкретни мерки и активности за што е можно побрза дислокација на Центарот во друг соодветен објект. Спасовски додава дека тоа практично значело изградба на нов објект на Прифатниот центар за странци, кој ќе ги исполнува сите стандарди за престој на лица, но и безбедносните стандарди за нормално функционирање.
„Станува збор за еден единствен објект, со ист капацитет како постојниот, на соодветна локација надвор од населено место, во близина на обиколницата, на неколку километри оддалеченост од населеното место Бардовци, а ќе биде усогласен со меѓународните норми и стандарди, по примерот на исти вакви центри во земјите од регионот. Затворен со свој двор, со потполно имплементирани современи мерки во однос на безбедноста“ пишува Спасовски.
Македонија ќе прифаќа бегалци од Авганистан кои работеле за меѓународни организации
Влада-Сите регистрирани македонски граѓани во Авганистан се безбедни и се работи на нивна брза евакуација
Тој додава дека локацијата е обезбедена со безбедносна ограда која претставува надворешен заштитен појас, а освен оваа ограда се формира и втор појас на заштитна ограда околу самиот објект, формирајќи на тој начин сопствен круг околу објектот со свои интерни улици за пристап, со цел беспрекорно функционирање на овој центар како посебна издвоена целина.
„Прифатни центри за странци има во секоја држава и тие апсолутно немаат врска со мигрантите, како што одредени медиуми повремено ја дезинформираат јавноста, пласирајќи лажни вести. За таа намена во државата функционираат два транзитните центри во Гевгелија и Табановце, кои се од исклучиво транзитен карактер и кои немаат никаква допирна точки со Центарот за странци“ вели Спасовски.
Во досегашниот Прифатен центар за странци лоциран во скопската населба Гази Баба се наоѓаат 11 лица, од кои 9 мажи и 2 жени. Три лица се со потекло од Гамбиј, потоа три лица се од Косово, две од Пакистан, едно лице е од Сенегал , едно е од Турција и едно од Португалија.