Стејт департментот именува двајца функционери за истрагата околу синдромот Хавана
Стејт департментот именуваше двајца нови функционери кои ќе ги координираат активностите за таканаречениот „Хавана синдром “ кој влијае на стотици американски дипломати и официјални претставници во странство. Хавана синдромот предизвикува симптоми како што се вртоглавица, гадење, мигрена и губење на меморијата. Овој синдром го доби своето име откако првпат се појави во 2016 година во американската амбасада во Хавана, каде што зафати десетици дипломати и разузнавачки службеници.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска изјави дека амбасадорот Џонатан Мур ќе служи како координатор на работната група на одделот за случаите, додека амбасадорката Маргарет Ујехара ќе го води тимот за поддршка на погодените вработени.
„Хавана синдром“ пријавен во американската амбасада во Колумбија
Американските власти не се сигурни кој или што точно стои зад сомнителните насочени радиофреквентни или енергетски напади кои предизвикале болест, па дури и оштетување на мозокот кај американските дипломати и разузнавачки службеници во Куба, Кина, Русија, Европа и други земји. За овој синдром се истражуваат над 200 случаи.
Стејт департментот за „Хавана синдромот“ во Србија: Интензивно истражуваме
Директорот на ЦИА, Вилијам Џозеф Барнс, на сослушување во Конгресот минатата недела изјави дека агенцијата работи на утврдување кој и што стои зад сомнителните напади.
„Направивме посебно енергични напори за да дојдеме до дното на прашањата, за тоа кој и што може да ги предизвика овие случувања “,изјави Барнс.
Тој претходно изјави дека постои „многу голема можност“ синдромот да е намерно предизвикан, додавајќи дека има ограничен број „потенцијални осомничени“ со способност да извршат акција толку широко ширум светот.