Шанса за Центар- референдум за стопирање на градбата спроти Холидеј Ин
Независните советници во скопската општина Центар од листата „Шанса за Центар“ г о обвинуваат Основното јавно обвинителство за соучесништво и бараат да постапи по претставката на Државната комисија за спречување на копуција за како што велат, нелегалното носење на Деталниот урбанистички план со кој се овозможи изградба на проектот „Гранд“ спроти хотелот „Холидеј Ин“. Во нивното соопштение е наведено дека ОЈО седум месеци не постапува по предметот – исто како што премолчено го одобрува и дивото градење кај „Беко“ на очиглед на полициската станица Центар.
„ Кучињата лаат, ДУПот си врви. ОЈО, Владата и општина Центар не преземаат ништо за сопирање на потенцијално нелегалната градба пред Холидеј ин. Јавното обвинителство треба да се бори против криминалот , а не да е негов нем поддржувач“, се вели во реакцијата.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска неодамна во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека Обвинителството се уште не и одговорило на Антикорупциската комисија за иницијативите за кривична одговорност за лицата кои учествувале во донесувањето на Деталниот урбанистички план Ц08 за Холидеј ин.
Во реакцијата на „Шанса за Центар“ е посочено дека новиот градоначалник на општината Центар Горан Герасимовски мора да издаде привремена забрана за градење, се додека ОЈО не го расчисти случајот.
„Воедно тој може да ги врати уплатените комуналии за овој објект на инвеститорот, а кои се уште стојат резервирани на сметка на Општината токму со намена да бидат вратени доколку тоа е потребно. Сето ова е можно, но вистинското прашање е дали се сака! Градоначалникот да се зафати серозионо со обврската за суспензија, како законска можност за ревизија на останатите две парцели од Холидеј ин, кои секако ќе се изградат ако не се реагира. Одговорноста за затнувањето на Градот ќе биде само негова!“, се вели во соопштението.
Тие наведуваат дека во Советот на општината ќе иницираат запирање на реализацијата на, како што велат, незаконските урбанистички планови донесени во 2012, во време кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ, и кога, според нив, не се почитувале основните начела за јавен интерес и хумано планирање.
На ваквите тврдења реагира инвеститорот МГ Фешн груп, кој посочува дека дозволата за градба на парцелата 1.1 спроти „Холидеј Ин“ е целосно усогласена со сите правни нормативи во земјата, а воедно истата е и правосилна, како што е легален и ДУП-от врз основа на кој е издадена.
„Ја замолуваме иницијативата „Шанса за Центар“ да не изнесува невистини во јавноста, за целосно легитимна правна постапка. Станува збор за постапка која е започната пред многу години и во истата нема никакви правни недоследности“ тврди инвеститорот.
Потпишана дозвола за изградба на висококатница кај Холидеј Ин
Барањето за градежна дозвола е издадено во јуни годинава и денеска по правосилноста на решението компанијата „Фешн Груп“ и „Обвновители“ на МПЦ го оградија паркингот и стартуваа со градежни активности на тој плац.
Започнува изградбата на првата фаза на комплексот „Гранд“ во Скопје, предвиден за изградба на Градежната Парцела 1.1 во рамките на ДУП Ц08 за Ново Маало на територијата на Општина Центар, соопштија денеска компанијата инвеститор. Од компанијата информираа дека во оваа прва фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи: три нивоа под земја, приземје плус дваесет ката и поткровје.
„Објектот е дизајниран да овозможи максимален комфор на идните корисници на станбените единици како и целосно искористување на природната светлина и визури, како кон реката Вардар, така и кон планината Водно“, се вели во соопштението од МГ Фешн.
Од МГ Фешн наведоа дека на свој трошок, ќе ги обештетат сите жители на Ново Маало кои имаат имот на тој простор, без разлика што на него не е предвидена никаква изградба на градежен објект, и тоа на ист начин и во ист сооднос како и на жителите на Ново Маало на чии имот е предвидена изградба на објекти.
Спорни ДУП-ови, уште поспорни проектанти
За првата парцела кај „Холидеј Ин“ фирмата МГ Фешн“ и МПЦ преку фирмата Обновители имаат проект за изградба на три згради од 16, 20 и 22 ката. До сега во јавноста е познато дека инвеститорите платиле комуналии од 2,4 милиони евра на Општина Центар и Град Скопје за дел од проекот.
Прво ќе се гради зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА и всушност ја попречува отвореноста на плоштадот кон кејот. Такму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката.
Од Шанса за Центар велат дека на ним им останува само да иницираат референдумско изјаснување за враќање на парите од комуналиите на инвеститорот, запирање на градбата и носење нов план за вистински развој на оваа централна градска локација.