Маричиќ повика процесот за измени на Изборниот законик да се отвори што побрзо
Mинистерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција изјави дека има уште многу прашања кои што се отворени во однос на измените на Изборниот законик. Според него, процесот треба да се отвори што побрзо, за да се даде шанса да се изнесат сите аргументи од страна на сите политички партии.
„Кога го заклучивме процесот на преговори пред локалните избори се договоривме со политичките партии дека повторно ќе се отвори веднаш по изборите тој процес затоа што останаа прво, голем број на препораки од ОБСЕ/ОДИХР во однос и на ланските парламентарни избори и на овогодинешните локални избори коишто треба да се имплементираат во Изборниот законик, но и остана прашањето за дискусија на политичките прашања, а тоа е промена на изборниот модел, промена на начинот на избор на пратеници во смисла на изборни единици, преференцијален модел, отворени листи итн“, изјави Маричиќ.
Тој додаде дека Изборниот законик секогаш се носел со консензус и тоа е важен дел од политичката култура.
„Изборниот законик не е тема на која што можеме лесно со еден потег или пак со какви било условувања да најдеме решенија. Мислам дека Владата е подготвена за дијалог, сите партии се подготвени за дијалог и јас ги ценам аргументите и на Демократскиот сојуз и на сите партии. Мислам дека ако има добра волја може се да се постигне, меѓутоа не е само временската рамка во прашање. Во прашање и гласањето на изборниот законик со консензус“, изјави Маричиќ.
Антикорупциска со иницијатива да се „среди“ Изборниот законик
Во однос на реформите во судството министерот посочи дека во изминатите 16 месеци започнале многу важни процеси кои што сигурен е, како што рече, дека еднакво успешно и подобро ќе ги продолжи наредниот министер, професорот Никола Тупанчевски. Маричиќ смета дека се започнати многу процеси и на многу полиња е раздвижено и во Министерството за правда и во областа правосудство и владеењето на право.