Дописничка на РСЕ приведена во Русија додека разговарала со бегалци од Мариупол
Полина Ефимова, која е хонорарна дописничка на Радио Слободна Европа е приведена во рускиот град Таганрог додека разговарала со бегалците од украинскиот град Мариупол, кој е под опсада на руските вооружени сили.
Колегите на Ефимова за весникот „Новаја газета“ изјавија дека таа била приведена кога денеска интервјуирала бегалци од Мариупол во автобус во близина на Спортската палата во рускиот град.
Според нејзините колеги, полицијата ја привела Ефимова откако таа рекла дека нема документи со себе за да докаже дека е новинарка.
Околу 100 илјади луѓе заробени без храна, вода и лекови во Мариупол
Мариупол, кој пред војната имаше 400.000 жители, е претворен во урнатини, со илјадници загинати цивили и многумина кои бараат излез од градот на безбедно, во услови на постојано бомбардирање од руските сили.
Во изминатите две недели, Русија се обиде да го опколи Мариупол, важно пристаниште на Азовското Море и најспорното бојно поле во војната досега.
Руската воена инвазија на Украина започна на 24 февруари.