Иранскиот Врховен суд ги прифати жалбите на 2 лица осудени на смрт за протестите
Иранскиот Врховен суд соопшти дека ги прифатил жалбите на двајца демонстранти осудени на смрт поради недостатоци во истрагата на нивните случаи.
„Врховниот суд ги прифати жалбите на Мохамад Кобадлу и Саман Саиди Јасин, обвинети за неодамнешните немири“, објави судската новинска агенција Мизан.
Немирите ширум земјата избија во средината на септември по смртта на 22-годишната Махса Амини во притвор. Таа беше уапсена од полицијата за морал, која ги спроведува законите за кодекс на облекување во Иран.
Двајца демонстранти беа обесени во Иран на почетокот на овој месец. Амнести интернешенел соопшти дека иранските власти бараат смртна казна за најмалку 21 лице во „лажни судења дизајнирани да ги заплашат оние што учествуваат во народниот бунт што го потресе Иран“.
Кобадлу е обвинет за убиство на полицаец и дека ранил пет други за време на протестот. Јасин, кој е Курд и изведува рап песни за нееднаквост, угнетување и невработеност, е обвинет за обид за убиство на припадници на безбедносните сили и за пеење револуционерни песни.
Групата за човекови права ХРАНА соопшти дека до петокот биле убиени 506 демонстранти, меѓу кои 69 малолетници, а загинале и 66 припадници на безбедносните сили. Според соопштението, се верува дека се уапсени 18.516 демонстранти. Највисокиот орган за државна безбедност на почетокот на овој месец објави дека 200 лица, меѓу кои и припадници на безбедносните сили, ги загубиле животите во немирите.